Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на отворањето на првата сезона од „Плазма“ спортските игри за млади на плоштадот во Скопје. Тој изрази задоволство од масовноста на настанот и упати порака до младите спортисти.

„Навистина прекрасна глетка, ова да се види денеска на плоштадот во Скопје, претставува нешто божествено. Мене ми е чест што сум на првата сезона од „Плазма“ спортските игри за млади, убеден сум дека овие денови, овие недели, овие месеци од вашите животи ќе ги паметите цел живот“, истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека спортот е еден од клучните столбови за развој на државата и ги повика младите максимално да се посветат на спортскиот дух.

„Спортувајте, другарувајте, учете затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија“, порача тој.

Мицкоски упати благодарност и до наставниот кадар за нивниот ангажман, најавувајќи дека поддршката за младите и спортот ќе биде континуирана.

„Ви благодарам и на вас наставниците, професорите што сте тука, а ние како Влада ќе продолжиме да го подржуваме спортот и да стоиме позади младите. Нека е со среќа и нека е со успех и нека победи подобриот“, изјави претседателот на Владата.

Exit mobile version