Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека под негово водство економијата бележи сериозен пад. Според неа, додека власта презентира успеси, податоците на Статистика покажуваат инфлација од 5,7% во споредба со лани.
„Тоа е речиси двојно повисока инфлација од еврозоната, каде инфлацијата во април изнесува 3%. Најголем удар трпат граѓаните преку поскапата храна. Трошоците за храна се зголемени за 8%“, истакна Кузеска.
Таа посочи дека синдикалната кошничка од 69.000 денари е недостижна за граѓаните, додека власта одбива мерки за заштита на стандардот, како што се укинување на ДДВ за храната и зголемување на минималната плата.
„Последните податоци покажуваат дека стапката на сиромаштија во првата година од владата на ВМРО изнесува 21,9%. Тоа значи дека секој петти граѓанин живее под прагот на сиромаштија“, обвини портпаролката на СДСМ.
Според Кузеска, за две години државата е задолжена за нови 2,3 милијарди евра, кои според неа завршуваат во „криминални тендери“, додека буџетот доцни со исплатите за социјално и здравствено осигурување.


