Конвенцијата, усвоена од Комитетот на министри на Советот на Европа во мај 2024 година, претставува прв обврзувачки меѓународен инструмент кој воспоставува принципи и стандарди за безбедна, етичка и одговорна употреба на вештачката интелигенција.
Со нејзиното потпишување, нашата држава се приклучува кон меѓународните напори за воспоставување јасни правила и стандарди за развој и употреба на вештачката интелигенција, во согласност со принципите на човековите права, демократијата и владеењето на правото.
На церемонијата,министерот за правда Игор Филков упати благодарност до генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе за неговото лидерство и посветеност, како и на Советот на Европа за континуираната поддршка.
„ Што значи ова за Република Северна Македонија? Пред сè, значи дека воведуваме јасни гаранции дека вештачката интелигенција ќе се користи на начин кој го почитува човековото достоинство, еднаквоста и недискриминацијата. Граѓаните ќе имаат поголема заштита на приватноста и личните податоци, како и пристап до ефективни правни лекови доколку нивните права бидат повредени.
Особено ја поздравуваме флексибилноста што Конвенцијата им ја овозможува на државите – да ги приспособат мерките во согласност со своите правни и институционални системи, а притоа да ги почитуваат универзалните стандарди.
Ова е од клучно значење за ефективна имплементација и одржливи резултати “, истакна министерот Филков.
Во наредниот период ќе следува предратификациона анализа и процес на усогласување со националното законодавство, во кој ќе бидат вклучени релевантни институции, експерти и претставници на граѓанскиот сектор, со цел обезбедување квалитетна и сеопфатна имплементација на обврските што произлегуваат од Конвенцијата.
Потпишувањето претставува и значаен чекор кон продлабочување на меѓународната соработка и размена на искуства и добри практики во областа на новите технологии и дигиталното управување.
„ Технолошкиот развој мора да биде во служба на граѓанинот. Иновациите мора да бидат безбедни, етички и одговорни. Да ги избегнеме ризиците, но пред се, да ги искористиме придобивките – за подобри јавни услуги, поефикасно правосудство и посилна демократија “, порача министерот Филков.


