Министерството за здравство (МЗ) соопшти дека надлежната Комисија за имунизација донела одлука за привремено одложување на инунизацијата со бесеже поради проверка на сериите што се користат кај нас, што следува по информациите од хрватските медиуми за несакани реакции од оваа вакцина, а кои се од ист производител.

– Во однос на информациите од хрватските медиуми за несакани реакции од вакцината бесеже, веднаш заседаваше Комисијата за имунизација во рамките на Министерството за здравство. Имајќи предвид дека станува збор за ист производител, веднаш е стапено во контакт со Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава – наведуваат од Министерството за здравство. 

Од Министерството потенцираат дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза. 

– Во моментот на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се од годинава, во Детската болница во Козле во 2025 се евидентирани 15 случаи, а во 2026 се евидентирани 12 нови случаи. Врз основа на наведеното Комисијата за имунизација донесе заклучок за привремено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појава на несакани реакции – појаснуваат од МЗ.

Воедно, потенцираат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од оваа вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апсцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината – стои во соопштението. 

Exit mobile version