Мерката куќен притвор за Артан Груби ќе истече на 13 октомври по сила на закон, информира Кривичниот суд.

Обвинителниот предлог во предметот бил поднесен на 13 август, а согласно Законот за кривичната постапка, притворот во вакви случаи може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог.

Од Судот појаснуваат дека и по истекот на куќниот притвор ќе продолжи да важи дополнителната мерка на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.

Одбраната, пак, побарала и оваа мерка да биде укината и наместо неа да биде определена гаранција.

Како гаранција дека Груби ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка, понуден е недвижен имот во вредност од 335.707 евра.

За понудената гаранција е оформен посебен предмет кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. По добивањето на мислењето, за предлогот ќе одлучува Кривичниот совет.

Exit mobile version