Паркот на Франкофонија од денеска до 20 септември ќе биде место за храна, музика и забава за целото семејство, со второто издание на Street Food Picnic.
Како што информира Општина Центар, тридневниот настан годинава е посветен на семејното дружење и поминувањето време на отворено. Посетителите ќе можат да уживаат во разновидна гастрономска понуда, музички настапи и програма за најмладите, со детски работилници, игри и креативни активности.
Програмата денеска започнува во 17 часот и ќе трае до полноќ. Во сабота и недела, посетителите ќе можат да пристигнат од 12 часот, а забавата ќе трае до полноќ.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните да бидат дел од тридневното дружење.
„Street Food Picnic го организираме втора година и навистина ми е драго што овој настан прераснува во убаво септемвриско дружење во Центар. Идејата е едноставна – да излеземе од дома, да се собереме во парк, да каснеме нешто вкусно, да слушаме добра музика, а децата да имаат свои активности и забава“, порача Герасимовски.
За храната ќе се погрижат девет изложувачи – Milky, Oljo’s, Transilvanisko trdlo, Жешко Компирче, Sweet Corner, Сутлијаш Бар, Panino, Noa Gyradiko и Mustacos, кои ќе понудат разновидни солени и слатки специјалитети.
На музичката програма денеска ќе настапат Golemata Voda и Vaso. Во сабота се најавени Shurbe, Day Off и Flooder, додека во недела ќе настапат Dimish, Trio Zigot и Machki.
Најмладите посетители во текот на викендот ќе имаат можност да учествуваат во детски работилници, игри и креативни активности.
Street Food Picnic 2 се организира со поддршка на Општина Центар, а влезот е слободен за сите посетители.

