Се зголемува бројот на хоспитализирани ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае, откако синоќа на Детската клиника биле примени уште три деца.
Сите новопримени пациенти имаат слична клиничка слика како и претходните случаи – дијареа, повраќање и покачена телесна температура.
Директорот на Клиниката, доктор Мемеди, смета дека првичните епидемиолошки анализи укажуваат на труење. Сепак, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) повикуваат на трпение додека не пристигнат официјалните резултати од мострите, кои треба да бидат готови утре.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андонова, информираше дека се земени примероци од храната (млеко, мусли, мусака со месо, кроасан), вода од повеќе чешми, како и брисеви од работните површини во кујната и училниците.
Симптоматично за истрагата е што дел од учениците кои пријавиле здравствени тегоби воопшто не консумирале храна од училишната кујна.
Од училиштето тврдат дека денеска немало нови знаци на труење и наставата се одвивала во поголем дел. Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, апелираше да не се злоупотребува настанот.
„Не треба да се шири паника. Стомачни тегоби деновиве имам и јас“, изјави градоначалникот.
Вчера над 40 ученици се пожалија на истите симптоми, а меѓу нив беше и синот на премиерот Христијан Мицкоски.

