Силен циклон проследен со студен бран донесе екстремно лоши временски услови во регионот, каде веќе втор ден на сила е највисокото ниво на предупредување. Невремето предизвика сериозни проблеми во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде обилните врнежи од дожд и снег го парализираа сообраќајот.
Во внатрешноста на Хрватска, особено во Загреб, силните ветрови соборија дрвја кои предизвикаа големи материјални штети, додека во планинските подрачја наврнаа над 30 сантиметри нов снег.
Ситуацијата е критична и во соседството:
„Снег падна и на север од Црна Гора, а многу градови останаа без електрична енергија. Посебен проблем е што снегот е многу обилен и влажен и ја оптоварува вегетацијата, дрвјата и електричната мрежа, па може да се појават проблеми.“
Надлежните служби апелираат да не се патува без итна потреба, а зимската опрема е строго задолжителна за сите кои мораат да бидат на пат.

