Повеќе од десет дена траеле прекините во внатрешните компјутерски системи на Европската комисија по хакерски напад во кој била употребена јавно достапна алатка со вештачка интелигенција за откривање системски ранливости, пренесе „Политико“ повикувајќи се на функционер од ЕУ.
Инцидентот бил регистриран на почетокот на ноември, а иако поголемиот дел од нападот е ставен под контрола, истрагата сè уште утврдува дали и во колкав обем биле преземени лични податоци на вработените.
Засегнати биле сервисите за проверка на плати, евиденција на работно време и барања за отсуство, како и системите за рефундирање медицински трошоци и преведувачките услуги. Поради безбедносни ризици дел од нив биле привремено исклучени и подоцна повторно активирани, при што исплатата на платите во најголем дел течела без застој.
Портпаролот Томас Рењие потврди дека биле нападнати одделни системи, дека се преземени соодветни мерки и оти засегнатите вработени се известени според предвидената процедура.
Тимот за кибербезбедност CERT-EU открил употреба на алатката ARTEX, која со вештачка интелигенција скенира мрежи и идентификува потенцијални точки за упад, но нема официјална потврда дали преку неа е извршен самиот пробив во мрежата на Комисијата.
Нападот доаѓа во период на зголемени киберзакани кон институциите на Унијата, откако во март годинава беа компромитирани податоци од веб-платформата Europa.eu, случај што засега не се поврзува со најновиот упад во внатрешните системи.

