За десет дена ќе ги тргне кравите од улиците на Крива Паланка, доколку Владата му даде законски овластувања, тврди градоначалникот Сашко Митовски.
Тој бара од Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство да му овозможат да ја координира акцијата за отстранување на добитокот, нагласувајќи дека не бара ниту пари, ниту дополнителна механизација.
Според неговите проценки, низ општината слободно се движат повеќе од илјада грла добиток, кои со години предизвикуваат штети на имотите на граѓаните и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот.
Митовски обвинува дека решенијата за одземање на животните, донесени уште пред две години, не се целосно спроведени, додека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста.
Проблемот со кравите во Крива Паланка деновиве доби и меѓународно внимание, откако за него известуваа повеќе светски медиуми, меѓу кои Асошиејтед прес и Еуроњуз.

