Депонијата за комунален отпад во непосредна близина на Крива Паланка од вчера попладне е зафатена од голем пожар. Повеќе од 12 часа екипите на терен преземаат континуирани активности за локализирање и ставање на огнот под контрола.

Од Општина Крива Паланка информираат дека сите расположливи капацитети се насочени кон спречување на понатамошното ширење на пожарот.

На терен се ангажирани екипите и механизацијата на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ Крива Паланка.

Помош на терен пристигнала и од соседната Општина Ранковце, како и од локални компании и граѓани со сопствена механизација.

„Обемот на пожарот е сериозен и повеќе од 12 часа континуирано се преземаат активности за негово локализирање и ставање под контрола. Во моментов сите расположливи капацитети се насочени кон справување со пожарот и спречување на негово понатамошно ширење“, соопштија од Општина Крива Паланка.

Од локалната самоуправа упатија благодарност до сите екипи, компании и граѓани кои се вклучија во гаснењето, додавајќи дека активностите на терен продолжуваат без прекин, а јавноста ќе биде навремено информирана за состојбата.

Exit mobile version