Метеоролошкиот индекс за опасност од пожари (FWI) денеска од 9:00 часот е во пораст поради високите дневни температури, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамет Али, повикувајќи се на податоците од Македонскиот систем за шумски пожари (МКФФИС).

Според проценките, во попладневните часови централниот, јужниот и источниот дел од земјата се со регистриран многу висок FWI индекс. Ова укажува на значително зголемен ризик од брзо ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари со голем интензитет.

Во останатите делови од државата FWI индексот е висок, со исклучок на повисоките планински предели каде што е забележан низок и многу низок индекс.

Поради неповолните временски услови, од ЦУК упатија апел до сите граѓани за поголема внимателност при престојот во природа.

„Во услови на високи температури и зголемена опасност од пожари, апелирам до граѓаните на особена внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа. Секое невнимателно постапување може да предизвика пожар кој, во вакви временски услови, може многу брзо да се прошири и да зафати поголема површина“, посочува Али.

Од Центарот за управување со кризи дополнуваат дека преку системот МКФФИС продолжуваат со непрекинато следење на состојбата на терен и навремена координација со сите надлежни институции.

Exit mobile version