Општина Штип и градоначалникот Иван Јорданов започнаа со распродажба на државното градежно земјиште за остварување партиски бизнис интереси, обвинија денеска од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).

Претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, на прес-конференција истакна дека на мета повторно се наоѓа локацијата кај познатите штипски „Печурки“, каде што веќе постојат правни субјекти од кои граѓаните со години егзистираат.

„Затоа прашуваме:

Дали имате согласнот за изградба на шеснаесеткатница, од граѓаните кои работат таму и ги прехрануваат своите семејства?

Дали како градоначалник ги прашавте и лично разговаравте со нив?

Дали ви се поважни бизнис интересите од егзистенцијата на граѓаните?“, рече Стојчевски.

Од младинската организација на СДСМ посочуваат дека начинот на кој се распишани огласите, временскиот период среде годишни одмори, како и честите промени на условите, отвораат сомнежи за однапред договорени зделки.

„Начинот на кој се распишани огласите и условите кои се поставени, времето во кое се објавуваат, среде сезона на годишни одмори, како и фактот дека ова не е првпат да се објавуваат отвораат сериозни сомнежи дека целата постапка се подготвува за однапред познати интереси. Зошто инаку по трет пат се објавува оглас со промена на условите? Очигледно целта е бизнис партнерите на Мицкоски и ВМРО да добија земја по багателни цени од 1600 денари по метар квадратен за потоа да тераат бизниси си згради“, нагласи тој.

Поради тоа, од СДММ бараат итно поништување на сите огласи за продажба на државното земјиште во Штип и бараат одговори од локалната власт.

„Затоа бараме: огласите огласите за продажба на градежно земјиште во сопственост на државата во Штип да се поништат. Државното земјиште не е приватна сопственост на ВМРО-ОКГ и не смее да биде ставено во функција на ничии бизнис-интереси. Јавноста има право да знае зошто условите се менувале и кому му одговараат сегашните услови? Кој ќе профитира од изградбата на зградите? Дали условите се кроени така што ќе одговараат на однапред определени компании? Ова се прашања на кои власта мора да одговори пред да биде продаден и еден квадратен метар државна земја. Додека тоа не се направи, огласите мора да бидат поништени“, порача Стојчевски.

Тој заклучи дека државното земјиште не смее да се третира како партиски плен.

„Очигледно сè е бизнис за ВМРО. Со водата тераат бизнис. Струјата – бизнис. Сега и државната земја за изградба на згради – бизнис. Македонија не е на продажба. Државното земјиште не е партиски плен“, заклучи претседателот на СДММ.

Exit mobile version