Нова голема полициска акција во Србија. Од утрово во Белград се вршат претреси и апсења на повеќе локации во рамки на операција за сузбивање на корупцијата, што ја спроведуваат полицијата и Вишото јавно обвинителство.
Според информациите на српските медиуми, досега се приведени повеќе лица, но сè уште нема официјални податоци за нивниот број, идентитет и функциите што ги извршуваат.
Акцијата следува по серијата апсења што започнаа по парламентарните избори во Србија на 25 октомври. Според податоците на српското Министерство за внатрешни работи, во изминатите две недели се уапсени повеќе од 90 лица осомничени за различни кривични дела.
Меѓу приведените во претходните акции има високи полициски функционери, банкари, директори на државни институции и претставници на локалната и покраинската власт.
Еден од позвучните случаи е апсењето на директорот на српскиот Републички хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, кој заедно со сопругата и синот е осомничен за перење најмалку 650 илјади евра.
Претходно беа уапсени и началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, и началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секуловиќ. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба, а Кричак дополнително и за малтретирање и тортура.
Меѓу уапсените во изминатиот период е и сопственикот на српската Алта банка, чија банкарска групација се најде во центарот на финансиската криза што ја погоди и Алта банка во Македонија.
Серијата апсења отвори прашања во српската јавност зошто институциите токму по изборите започнале повеќе големи акции против криминалот и корупцијата. Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, за РТС оцени дека дел од структурите во институциите сега се обидуваат да се позиционираат пред формирањето на новата влада. Тој нагласи дека во сите постапки мора да се почитува презумпцијата на невиност.

