По повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати честитка до граѓаните, истакнувајќи дека постојат идеали и завети што времето не може да ги избрише.
Во својата порака, Ѓорѓиевски нагласува дека ВМРО е темел вграден во македонската борба за државност, непокор и пркос, како и решителност да се истрае за слободна, самостојна и достоинствена македонска држава.
„ВМРО е непокор. Македонија е аманет. Слободата е завет! Честит и вековит нека е 23 Октомври, денот кога со гордост се поклонуваме пред храброста на оние што својот живот ѝ го посветија на Македонија!“, порачува скопскиот градоначалник.
Тој нагласува дека денешната должност е аманетот на предците да се продолжи со дела, преку чување на татковината, негување на македонскиот јазик и создавање држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина.
„Пред жртвата на јунаците се поклонуваме. Пред одговорноста за Македонија стоиме исправено! Нека биде вечен споменот за нивната борба и нека биде неугаслив пламенот на нивните идеали! За многу години 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба! Да е вечна Република Македонија!“, стои во честитката од Ѓорѓиевски.

