Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се сретна со делегација на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со која разговарал за можностите за соработка и финансирање на значајни инфраструктурни проекти во главниот град.

Меѓу главните теми бил и проектот за брз автобуски превоз (БРТ). Ѓорѓиевски информира дека веќе е започната постапката за претквалификација на изведувачи за првата линија, додека паралелно се работи на обезбедување стручна поддршка за реализација на проектот.

Според градоначалникот, целта е да се овозможи побрз и поквалитетен јавен превоз, со помалку метеж во сообраќајот и почист воздух за граѓаните.

На средбата се разговарало и за изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, проект кој има значење за заштитата на водите, животната средина и здравјето на населението.

„Мојата определба е цврста. Секој проект мора да решава вистински проблем, а секоја инвестиција да носи конкретна придобивка за скопјани“, порача Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.

Тој додаде дека останува посветен на соработката со ЕБОР и во областите на модернизација на инфраструктурата, енергетската ефикасност и спроведувањето на Зелениот акциски план за Скопје.

Ѓорѓиевски нагласи дека ќе продолжи да работи на реализација на најавените проекти, со цел нивните придобивки да се почувствуваат во секојдневниот живот на скопјани.

Exit mobile version