Патување низ спомените и препознатливиот дух на старо Скопје утринава им беше овозможено на голем број граѓани преку бесплатен панорамски разглед на главниот град, организиран по повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Според информациите од градските власти, за време на оваа специфична туристичка тура присутните имаа можност одблиску да се запознаат со архитектонскиот лик на градот пред природната непогода, како и со судбината на познатите објекти кои тогаш беа срамнети со земја.

Како што посочуваат организаторите, обиколката се одвиваше со панорамски автобус и професионално водење од страна на лиценциран туристички водич од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници. Настанот беше конципиран да ја пренесе приказната за градските места кои низ децениите го обликуваа секојдневниот живот на скопјани.

Од Град Скопје нагласуваат дека зачувувањето на колективната меморија за поддршката, обновата и културно-историското наследство останува трајна обврска за сите идни генерации.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи упати директна порака за значењето на оваа традиција:

„По повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, денес организиравме бесплатен панорамски разглед на градот – патување низ историјата, спомените и духот на старо Скопје. Со панорамски автобус и стручно водство од туристички водич од Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници, граѓаните имаа можност да дознаат како изгледало Скопје пред земјотресот, да ги слушнат приказните за објектите што биле разрушени, како и за местата што го обликувале препознатливиот лик и животот на градот. Скопје е град кој ја претвори трагедијата во сила, а спомените во темел врз кој ја гради својата иднина. Затоа е наша обврска да ја чуваме меморијата за минатото, да го негуваме културното и историското наследство и да ја пренесуваме приказната за Скопје на идните генерации.“

Exit mobile version