Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес-конференција по повод една година од мандатот, истакна дека градот е во фаза на целосна трансформација преку реализација на значајни инфраструктурни, еколошки и сообраќајни проекти. Според него, покрај наследените милионски долгови, финансиската состојба на Градот и јавните претпријатија е целосно консолидирана.
Со посветена и одговорна работа, за само неколку месеци од почетокот на мандатот, успеавме целосно да ја консолидираме финансиската состојба на Градот Скопје, и покрај наследениот долг од речиси 300 милиони евра и девастирани јавни претпријатија, изјави Ѓорѓиевски, додавајќи дека се намалени тековните обврски и долговите во сите градски претпријатија.
Тој се осврна на клучните капитални инвестиции, нагласувајќи дека изградбата на булеварот „Борис Трајковски“ влегува во завршна фаза, привршува клучката кај Момин поток, а забрзано се работи и на првата подземна сообраќајница кај булеварот Македонија. Исто така, најави дека мостот кој ја поврзува „Љубљанска“ со „Скупи“ ќе биде готов до крајот на годината.
Во делот на животната средина, Ѓорѓиевски истакна дека пречистителната станица во Трубарево е реализирана 40 отсто, а започнати се и активностите за отстранување на депонијата „Вардариште“, на чие место ќе се гради нов мега парк. Исто така, информира дека по долго чекање, Скопје наскоро ќе добие 100 нови еколошки автобуси, како и нов систем за брз автобуски превоз (БРТ).
Пред една година ми ја дадовте довербата и честа да го водам овој град. Таа доверба ја носам со благодарност и со длабока одговорност. Денес, по сето она што го започнавме и го сработивме, мојата верба во Скопје е уште посилна, порача градоначалникот, нагласувајќи дека програмата ќе биде целосно исполнета до крајот на мандатот.

