Давор Баришиќ и Немања Љепојевиќ загинаа во тешка сообраќајна несреќа што се случи во Соединетите Американски Држави, а погребот на загинатите ќе се одржи во Бања Лука.
Во меѓувреме, започната е хуманитарна кампања за собирање средства за покривање на трошоците за транспорт на телата и за лекување на преживеаниот.
Како што соопштија од Српската православна црква „Свети Симеон“, оваа парохија организира акција за помош на семејствата на загинатите Баришиќ и Љепојевиќ, како и за Срѓан Лазиќ, кој се здобил со сериозни повреди опасни по живот и се наоѓа на интензивна нега во болница во Шарлот, пренесуваат „Независне“.
„Средствата собрани преку оваа кампања ќе помогнат барем делумно да се ублажи овој товар со покривање на трошоците за транспорт на останките и погребите на Давор и Немања, трошоците за лекување на Срѓан, како и обезбедување поширока поддршка на сите три семејства во овие исклучително тешки времиња“, соопшти парохијата.
Од црквата наведуваат дека сите собрани средства ќе бидат рамномерно распределени на трите семејства.
„Ги повикуваме парохијаните и сите луѓе со добра волја, со искрено сочувство, да учествуваат во оваа кампања, да им дадат поддршка на овие семејства во нивната тага и да се сетат на нив во своите молитви. Јавноста ќе биде известена за дополнителни информации во наредните денови“, додадоа тие.
Досега преку платформата „GoFundMe“ се собрани 111.296 долари за помош на семејствата.
Поради трагичниот настан, Управниот одбор на црковната парохија прогласи тридневна жалост.

