Германското сојузно Министерство за внатрешни работи ги заострува критериумите за испитите по германски јазик, кои се клучен предуслов за добивање дозвола за постојан престој и германско државјанство. Оваа одлука следува по регистрираниот зголемен број обиди за измама за време на полагањата.

Според новата регулатива на Министерството, учесниците на курсевите за интеграција незаконски доаѓале до прашањата и клучот со точните одговори за деловите од тестот што се однесуваат на слушање и читање. Овој сегмент содржи 45 прашања од типот „избери еден од понудените одговори“.

Досегашната практика покажала дека кандидатите често го оставале писмениот дел – составувањето краток текст – целосно празен. И покрај тоа, испитот се сметал за положен доколку имале добри резултати во првиот дел и успешно го завршиле усниот дел на ниво Б1.

Поради тоа, надлежното Министерство одлучи да ги промени правилата. Отсега, кандидатите мора да покажат соодветно владеење во сите три области: слушање/читање, пишување и зборување.

Дополнително, се воведува услов кандидатите да постигнат најмалку ниво А2 во областа во која се најслаби. Повеќе нема да биде можно да се положи испитот доколку кој било од деловите не го достигне овој минимален стандард.

Измените на „Правилникот за испити на курсевите за интеграција“ ќе стапат на сила на 1 ноември. „Германскиот тест за доселеници“ (DTZ) претставува завршен испит за курсевите кои ги организира Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (BAMF).

За добивање сертификат, учесниците мора да постигнат вкупен резултат на ниво А2 или Б1, согласно Заедничката европска референтна рамка за јазици.

Според податоците на BAMF, минатата година тестот го полагале 318.550 доселеници. Од нив, 175.193 го достигнале нивото Б1 кое овозможува секојдневна комуникација, нивото А2 го достигнале 102.663 кандидати, додека 40.694 останале под овој минимум.

Exit mobile version