Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4ТВ истакна дека деталниот урбанистички план за „Барутана“ нема да биде ставен на гласање пред Советот доколку дополнителните стручни анализи покажат ризици за безбедноста на теренот.
Тој нагласи дека безбедноста на граѓаните е приоритет и дека општината нема да дозволи решенија кои би ја загрозиле безбедноста.
„Изминатите недели во јавноста се пласираа бројни шпекулации и неточни информации за предложениот план, со што непотребно се создаде загриженост кај граѓаните“, рече Герасимовски.
Тој потенцираше дека по поништувањето на претходниот план во 2025 година, Општина Центар започна законска постапка за нов план, чија цел не е отворање нови градежни парцели, туку подобрување на постојните урбанистички параметри.
„Во планот нема нови 25 парцели. Не правиме нов план на гола полјана, го пресликуваме она што постоело од 2002 година а притоа ги подобруваме условите“, посочи тој.
Со предложените измени се намалува површината за градба од приближно 43.500 на 29.400 квадратни метри. Предвидена е изградба на пензионерски дом на парцела во сопственост на општината, а зеленилото се зголемува на 40 отсто, двојно повеќе од законскиот минимум. Подземното паркирање е ограничено на едно ниво, за да се спречат практиките од минатото, кога помошни простории и паркинзи биле пренаменувани во станови, појасни градоначалникот.
Герасимовски информираше дека за планот веќе се добиени позитивни мислења од повеќе надлежни институции, вклучително и Дирекцијата за заштита и спасување. Сепак, општината ќе побара дополнителни испитувања за стабилноста на теренот, можните свлечишта и ерозијата. Планерската куќа ќе треба да ангажира стручна институција, најверојатно Градежниот факултет, за дополнителна анализа на безбедноста.
Тој најави и втора јавна анкета, со цел жителите повторно да ги изнесат своите забелешки и предлози.
„Општина Центар ќе продолжи со транспарентна постапка, дополнителни проверки и консултации со јавноста, а конечната одлука за иднината на „Барутана“ ќе зависи од стручните анализи и одлуката на Советот“, порача Герасимовски.

