Идејата за воведување на електронско гласање, која директно би го олеснила изразувањето на волјата на македонската дијаспора, денеска доби силна социјална и политичка поддршка од првиот човек на законодавниот дом.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, јавно ги повика координаторите на пратеничките групи да ги надминат партиските ровови и да постигнат компромис за Изборниот законик, со цел да им се овозможи на иселениците модерен и безбеден начин на изјаснување.
Оваа реформа, која беше дел и од политичката програма на партијата Алтернатива, според Гаши е логичен чекор во ера кога сите останати граѓански процеси веќе се целосно дигитализирани.
- „Јас сум за електронско гласање, дури и сум и кај нас да се овозможи електронско гласање, но не знам кога би било тоа така. Тоа е мое лично мислење“, истакна Гаши на денешниот брифинг со новинарите.
Тој потенцираше дека ваквата пракса веќе успешно функционира во неколку странски држави и дека не постои реална техничка пречка за нејзино воведување и во македонскиот изборен систем, доколку се заштити гласот на иселениците.
- „Во неколку земји таа практика е функционална и има позитивни примери за тоа. Ако веќе плаќаме сметки преку банка, средства уплаќаме и се е електронско… Прашав и неколку ИТ експерти дали може да се обезбеди приватност и безбедност во гласањето, ми тврдат дека тоа може да се направи, но за тоа треба политичка волја“, порача претседателот на Собранието.
Според него, крајната цел на реформите мора да биде создавање на Изборен законик кој ќе гарантира фер и еднакви услови за сите граѓани, без разлика каде се наоѓаат.
- „Ние треба да се стремиме кон тоа да овозможиме таков Изборен законик кој ќе ни овозможи граѓаните да гласаат фер, демократски и волјата на граѓаните да се изрази преку изборите. Тоа е смислата на демократијата“, дециден е Гаши.


