Опозициската СДСМ денеска излезе со сериозни обвинувања кон власта, тврдејќи дека премиерот Христијан Мицкоски подготвува нов модел за гласање на дијаспората кој е отворен за злоупотреби. Според портпаролката Богданка Кузеска, откако не поминал обидот за електронско гласање, сега се форсира гласање по пошта без соодветни заштитни механизми.

  • „Мицкоски и ВМРО немаат намера да се откажат од обидите за манипулација и злоупотреби со над 200.000 гласови од дијаспората. Откако сфати дека не може да го протнешверцерскиот начин за електронско гласање на дијаспората без никака контрола, сега се обидува со некакво гласање по пошта“, изјави Кузеска на денешната прес-конференција.

Од СДСМ потенцираат дека не се против гласањето на иселениците, туку против неконтролираниот начин на кој власта сака да го спроведе. Тие посочуваат дека новиот модел создава сериозен ризик за нарушување на слободната волја на граѓаните.

  • „И повторно без никаква контрола и гаранција за почитување на слободната волја на граѓаните – нов модел и можност за изборни манипулации и нерегуланости. Не му е важна на Мицкоски реформската агенда – тоа му е само изговор. Важен му е само изборниот грабеж“, додаде портпаролката.

Клучната забелешка на опозицијата се однесува на улогата на Државната изборна комисија (ДИК), која според нив мора да има целосна контрола врз процесот.

  • „Предлогот електронското гласање да се замени со гласање по пошта, без Државната изборна комисија да има можност со консензус да ги утврдува правилата и механизмите на контрола, не ја подобрува демократијата во изборниот процес. Тоа создава нови ризици за нерегуларности, злоупотреби и изборни манипулации“, нагласи Кузеска.

За крај, од СДСМ побараа власта да се повлече од оваа намера и да достави предлог во кој ДИК ќе може со консензус да го регулира гласањето на дијаспората, за да се осигура фер процес.

Exit mobile version