Возачите кои со странски таблички со огромна брзина транзитираат низ македонските автопати во моментов се евидентираат во системот „Безбеден град“, но финалните сообраќајни казни до нивните домашни адреси сѐ уште нема да пристигнуваат сè додека целосно не се надгради софтверот.
Додека трае овој преоден период, брзите странски возила на коридорите 8 и 10 ќе бидат санкционирани исклучиво на самото место од страна на полициските службеници со возила „пресретнувачи“ кои се во континуитет присутни на теренот.
Министерот Панче Тошковски упати јасен апел до сите патници кои транзитираат низ Македонија да бидат одговорни, бидејќи дигиталниот систем веќе функционира, ги бележи сите грешки и наскоро доставата на сметките ќе се врши директно на граничните премини.
„Брзо, ќе бидете сведоци на целосна, комплетна имплементација на вториот чекор кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски регистарски возила, ќе биде токму тука на овој граничен премин, така што апелирам до граѓаните кои управуваат возила со странски регистарски таблички да ги известат дека прекршоците се констатираат и ќе бидат за брзо време доставени до оние кои не ги почитуваат правилата“, изјави министерот Панче Тошковски.
Статистиката на МВР покажува дека строгите контроли веќе даваат плод, па така во периодот од февруари до јуни оваа година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за огромни 40%, односно од 55 жртви лани, оваа година бројката е спуштена на 34.
Евидентираните 130.000 сообраќајни прекршоци од почетокот на проектот јасно докажуваат дека дури 95% од нив се однесуваат на пречекорување на брзината, што ја потврдува потребата од итно воведување на вториот чекор за странските државјани.


