Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се обрати на Конференцијата на претседатели на парламенти и на генерални секретари на земјите членки на Советот на Европа, која на 15 и 16 октомври се одржува во Рим.
Гаши говореше на темата „Обновување на меѓународниот поредок заснован на правила: улогата на парламентите во справувањето и одговарањето на современите кризи“.
Во своето обраќање, претседателот на Собранието нагласи дека во услови на сложени геополитички, безбедносни и економски предизвици, меѓународното право е клучен предуслов за зачувување на мирот и стабилноста, заштита на суверенитетот и воспоставување јасни правила во меѓународните односи. Притоа, тој ја истакна потребата од силни институции и улогата на парламентите во демократскиот надзор и поттикнувањето на дијалогот.
Осврнувајќи се на улогата на Советот на Европа, Гаши го истакна придонесот на оваа организација во унапредувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Потенцираше дека парламентарната дипломатија претставува важен инструмент за зајакнување на меѓусебната доверба и развивање долгорочни партнерства.
Во контекст на современите предизвици, Гаши ја подвлече важноста на регионалната соработка и координираните активности за зајакнување на колективната отпорност. Тој заклучи дека преку отворен дијалог, размена на искуства и меѓусебна поддршка, парламентите можат да придонесат кон траен мир, стабилност и одржлив развој.

