Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, денеска се обрати на осмиот конгрес на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кој се одржува во Скопје. На конгресот, согласно агендата, треба да бидат усвоени програмски документи за следниот петгодишен период и да се избере ново синдикално раководство.
Во своето обраќање пред присутните, министерката ја нагласи важноста на соработката меѓу Министерството и синдикалната организација.
„СОНК е еден од најважните економско – социјални партнери на Владата и на Министерството за образование и наука. Заедно се креирани многу политики. Драго ми е што често добивам предлози и укажувања од вашето членство и раководство, кои многу помагаат во правилното одлучување. Немам замерки на ниту една забелешка, идеја и мислење. Напротив, задоволна сум што секој предизвик го надминуваме заеднички и низ дијалог“, рече Јаневска.
Јаневска посочи дека е особено горда што за време на нејзиниот мандат е постигната спогодба за долгорочен раст на платите во основните и средните училишта, кој за првпат е врзан со стапката на инфлација. Таа потсети дека досега преку оваа спогодба се реализирани три покачувања на платите во вкупен процент од над 20 отсто.
„Над 300 наставници и стручни соработници во изминатите две години имаа можност за кариерен развој и напредување во звање ментор или советник, додека пак, сите беа опфатени со програмите за професионален развој преку проширен опсег на обуки од страна на Бирото за развој на образованието и другите институции и партнерски организации“, додаде министерката.
Таа потенцираше дека е усвоена и нова законска регулатива, како и Стратегија за образование 2026-2032, во чија изработка СОНК даде значителен придонес.
Јаневска ги издвои и инвестициите во инфраструктурата и намалувањето на бирократијата за просветните работници, посочувајќи дека Владата реализирала 90 проекти во вредност од 70 милиони евра и вовела нов, подобрен електронски дневник.
„Добрата комуникација, разбирање и делување се главните фактори што нашето партнерство опстојува и дава резултати. Тоа е и причината поради која верувам дека, независно од исходот на денешниот конгрес и избор на раководство, во позитивна насока ќе продолжиме да работиме и понатаму“, заклучи министерката, порачувајќи дека градењето поквалитетен образовен систем останува заедничка цел.

