Француската центристичка влада на премиерот Себастиен Лекорну денес преживеа две гласања за недоверба во Националното собрание, јави ДПА.

Само 256 и 142 од 577-те пратеници ја изгласаа недовербата на малцинската влада, што значи дека владиниот кабинет останува на функција.

Двете гласања беа иницирани од десничарските националисти на Марин Ле Пен и од левичарската партија „Непокорна Франција“ (LFI), како реакција на незадоволство од трговскиот договор Меркосур. И покрај тоа што гласањето се однесуваше на владата, пратениците упатија остри критики и кон претседателот Емануел Макрон.

Планираниот договор за слободна трговија на Европската Унија со четирите јужноамерикански земји – Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај – е предмет на преговори уште од 1999 година. Европската комисија истакнува дека новата зона за слободна трговија, со повеќе од 700 милиони жители, ќе биде најголемата од овој вид во светот.

На состанокот на претставниците на 27-те земји членки на ЕУ минатата недела, беше постигнат доволен број гласови за склучување на договорот, а потпишувањето е закажано за сабота во Парагвај.

И покрај тоа што Франција во повеќе наврати упати критики за договорот, претседателот Макрон најави дека ќе гласа против него. LFI ја критикува владата и Макрон дека не се спротивставиле доволно силно на договорот, додека националистите се жалат дека интересите на Франција не биле адекватно застапени.

Центристичката влада на Лекорну преживеа и претходни две гласања за недоверба веднаш по стапувањето на должност во октомври, но тогаш резултатите беа многу поизедначени.

Exit mobile version