Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен, на прес-конференција во Вашингтон изјави дека Данска и САД имаат „фундаментални несогласувања“ околу судбината на Гренланд. Тој најави формирање на работна група на „високо ниво“ заедно со САД, со цел да се испита дали двете земји можат да најдат „заеднички пат“.

Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, денес се сретнаа со потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и државниот секретар Марко Рубио во Белата куќа. Според данскиот министер, состанокот бил „отворен и конструктивен“, иако позициите на САД и Данска за иднината на Гренланд остануваат различни, објавува Би-Би-Си.

Министерот потсети дека САД веќе имаат широк воен пристап до Гренланд, како дел од договорот меѓу двете земји од 1950-тите. Тој истакна дека Гренланд, преку Данска која е членка на НАТО, е опфатен со Член 5, кој ја дефинира колективната одбрана кога една од членките е нападната.

„Данска сака да соработува со САД и ние сме подготвени да одиме подалеку од сегашниот договор, но во денешните разговори сакавме да постигнеме заедничко разбирање за проблемот“, рече Расмусен.

Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп јасно ги искажал своите ставови, но дека Данска сè уште има „различна позиција“.

Расмусен нагласи дека работната група ќе се состане во следните неколку недели и дека ќе се фокусира на решавање на безбедносните проблеми на САД, почитувајќи ги „црвените линии на Данска“.

„Тоа е работа што ќе ја започнеме, но дали е изводливо да се постигне решение, не знам“, додаде тој.

Министерот исто така нагласи дека нема „моментална закана“ од Кина и Русија и ги отфрли тврдењата дека ова ќе биде „случај за 10 или 20 години“.

„Апсолутно е јасно дека Трамп сака да го ‘освои’ Гренланд, но верувам дека денешната средба успеала да ја ‘промени американската позиција’“, рече Расмусен.

„Многу, многу јасно ставивме до знаење дека ова не е во интерес на Гренланд“, додаде тој.

Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, нагласи дека САД и Гренланд мора да се вратат на „нормалните односи што некогаш ги имаа“.

„Во интерес на двете земји е да најдат рамнотежа и да работат како сојузници. Ние сме сојузници, ние сме пријатели“, рече Мотцфелд.

Exit mobile version