Со спортски активности и многу игра, во обновената фискултурна сала во ООУ „Коле Неделковски“ беше одбележана Детската недела. На учениците им се придружи и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Салата ја реновиравме во текот на летото. Учениците сега имаат функционален простор за спорт и физичка активност, а дополнително на располагање им се и игралиштата во училишниот двор. Спортот е важен дел од образовниот процес и затоа континуирано вложуваме во спортската инфраструктура. Децата треба да спортуваат и да го градат тимскиот дух, ако сакаме утре да имаме здрави генерации“, истакна Герасимовски.
Фискултурната сала, со површина од 350 квадратни метри, со децении била во незавидна состојба, а сега е целосно обновена и претворена во современ и безбеден простор за наставата по физичко образование и рекреација.
Реконструкцијата опфати брусење и лакирање на паркетот, санација на ѕидовите и таваните, како и поставување нови внатрешни врати. Инсталирани се нови инвертер-клима уреди и ЛЕД-осветлување, а целосно е заменета и електричната инсталација.
Обновени се и соблекувалните и кошевите, додека во тек е замена и обновување на преостанатите спортски реквизити.
Од Општина Центар велат дека со вложувањата во образованието и спортот се создаваат подобри услови за физичкиот и менталниот развој на учениците.


