Општина Илинден започна со реконструкција на две локални улици во населените места Илинден и Мршевци, во рамки на Програмата за реконструкција, рехабилитација и санација на локални улици и патишта, соопштија од локалната самоуправа.

Градежните активности ја опфаќаат улицата „4“ во Мршевци, во должина од околу 200 метри, како и крак од улицата „8“ во населеното место Илинден, во должина од околу 130 метри. На улицата „8“ претходно беше изградена фекална канализациска мрежа, со што се создадоа услови за целосно уредување на патната инфраструктура.

Увид во почетокот на градежните работи изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој ја истакна важноста на овие зафати за локалното население.
„Реконструкцијата на улиците ќе овозможи поквалитетно и побезбедно одвивање на сообраќајот, подобра пристапност и унапредување на секојдневните услови за живот на жителите“, истакна Георгиевски.

Од Општина Илинден најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со инвестиции во реконструкција и санација на локалната патна мрежа, во согласност со утврдените приоритети и потребите на граѓаните, со цел рамномерен инфраструктурен развој во сите населени места.

