(ФОТО) Институт за војна: Русите ја темпираат Молдавија - се спремаат за хибридна војна

Институтот за проучување на војната објави нова анализа во која предупредуваат дека Русија можеби подготвува хибридна операција против Молдавија.

„Прорускиот отцепен регион Придњестровје би можел да организира референдум за приклучување кон Русија на 28 февруари. Изговор за таквиот повик ќе биде наводната потреба да се заштитат руските граѓани и „сонародниците“ во Придњестровје од заканите од Молдавија или НАТО“, пишува во предупредувањето од Институтот.

Рускиот претседател Владимир Путин би можел, во најлошото сценарио, да ја објави руската анексија на Придњестровје за време на неговото планирано обраќање пред Федералното собрание на Русија на 29 февруари, иако тоа изгледа малку веројатно, пишува Институтот.

„Поверојатно е Путин да ја поздрави секоја акција преземена од Конгресот на пратениците на Придњестровје и да понуди опсервации за ситуацијата“, додаваат тие.

Институтот пишува дека не видел јасни индикации за руска воена подготовка за интервенција во Придњестровје или во Молдавија воопшто, иако е можно тајните подготовки да се во тек.

„Руските сили во моментов во Придњестровје не можат да претставуваат значителна воена закана за Украина без засилување. Тие би можеле да претставуваат многу поголема закана за стабилноста на Молдавија. Затоа, најверојатниот начин на дејствување е дека Конгресот на Приднестровје и говорот на Путин ќе означува пресврт во подготовките на Русија за хибридна војна против Молдавија“, анализира Институтот.

Молдавија е поранешна советска држава лоцирана меѓу Романија и Украина и има околу 2,6 милиони жители. Парламентот на Молдавија има прозападно мнозинство, а прозападната претседателка на Молдавија, Маја Санду, цели кон пристапување на Молдавија во ЕУ. Придњестровје е проруски отцепен регион во источна Молдавија со население од околу 470.000 луѓе кои незаконски прогласија независност од Молдавската Советска Социјалистичка Република во 1990 година.

Ниту една членка на Обединетите нации (ОН) не го признава нејзиниот суверенитет, а ОН го сметаат овој регион како дел од Молдавија.

23.02.2024 - 11:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега