Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиески, на својот Фејсбук профил најави дека веќе неколку дена се преземаат конкретни активности на Водно, со цел да се подобри квалитетот на престојот и да се унапреди изгледот и функционалноста на оваа парк-шума.
-Грижа за Водно, душата на градот! Водно е местото каде што граѓаните го наоѓаат својот мир, свеж воздух и природна убавина што го збогатува секојдневието.
За скопјани – засолниште, инспирација и неизбежен дел од секојдневието.
Токму затоа, во пресрет на периодот кога значително се зголемува посетеноста, Град Скопје презема засилени и конкретни активности со цел да се подобри квалитетот на престојот и да се унапреди изгледот и функционалноста на оваа парк-шума.
Веќе неколку дена се спроведува акција за кастрење на нараснатата вегетација, како и уредување на велосипедските патеки со ширина од 2,5 до 3 метри и должина 5 километри, со што значително се подобрува безбедноста и удобноста за сите посетители.







Дополнително, издаден е налог до ЈП „Паркови и зеленило“ за целосна реконструкција на урбаната опрема – обновување на клупите, кантите, мостчињата, патеките и останатите елементи, со цел Водно да добие уреден, безбеден и современ изглед, достоен за сите посетители.
Во насока на зголемена безбедност а во соработка со Црвениот крст, во текот на летниот период ќе има континуирано присуство на спасители-волонтери, подготвени да интервенираат во евентуални непредвидени ситуации.
Активностите на терен ги реализираат екипи од јавните претпријатија, кои се ангажирани секојдневно во одржување, уредување и заштита на просторот, со зголемен интензитет токму во овој период.
Остануваме посветени на заштитата и унапредувањето на Водно како едно од најзначајните природни богатства и омилено место за рекреација на граѓаните, напиша градоначалникот.

