Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска повика на создавање Европска транспортна унија и најави предлог за двојно зголемување на европските инвестиции во сообраќајната инфраструктура, на повеќе од 50 милијарди евра во рамки на следниот долгорочен буџет на Европската Унија.

Обраќајќи им се на учесниците на конференцијата „Connecting Europe Days 2026“, Фон дер Лајен истакна дека физичката интеграција на Европа мора да го следи нејзиното политичко проширување.

Таа потсети дека во минатото токму железничките мостови и модернизираните сообраќајници помогнале да се надминат политичките и историските поделби на континентот.

„Повеќе не е доволно само да го одржуваме она што го имаме. Мораме да изградиме транспортен систем за следните децении. Време е за вистинска Европска транспортна унија“, порача претседателката на Европската комисија.

Exit mobile version