Британската служба за поморски трговски операции (UKMTO) соопшти дека брод се запалил синоќа во Ормуската теснина откако бил погоден од „проектил од непознато потекло“.
И покрај инцидентот, надлежните служби потврдија дека ситуацијата е санирана. Во соопштението е наведено:
– Пожарот е ставен под контрола и бродот продолжил да плови. Екипажот е безбеден.
Од UKMTO додадоа дека засега нема докази за еколошка штета. Стратешки важната теснина, преку која пред конфликтот се транспортираше значителен дел од светските енергенси, е жариште откако ескалираа тензиите меѓу САД, Израел и Иран, што доведе до ограничување на сообраќајот и поморски блокади. Иако во последните недели има извесно затишје во директните воени дејствија на копно, трговските бродови во регионот сè уште се соочуваат со безбедносни ризици.


