Министерот за правда, Игор Филков денеска порача дека правосудните реформи мора да бидат суштински, добро анализирани и креирани преку широк дијалог. На стручната расправа за измените на Законот за судовите, тој истакна дека целта е создавање побрз, поефикасен и подостапен судски систем со кој ќе се врати довербата на јавноста.
„Реформите во правосудството не смеат да бидат само формални и декларативни. Тие мора да донесат реални подобрувања во функционирањето на судскиот систем и поквалитетна правда за граѓаните”, истакна министерот Филков.
Главен акцент во законските измени е ставен на оптимизацијата на судската мрежа. Поради сериозните нерамнотежи во распределбата на предметите, се предлага трансформација на дел од судовите во судски одделенија.
Филков потенцираше дека ова нема да го намали пристапот до правда, бидејќи одделенијата ќе продолжат да функционираат локално, но со подобра координација. Во рамки на реформите се планираат и мерки за подобрување на работата на апелационите судови за побрзо решавање на жалбите.
Успешноста на овие промени, според министерот, на крајот ќе зависи исклучиво од нивната доследна и одговорна примена во пракса.


