Со катастрофални економски политики, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во целосен економски колапс, истакна Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во скопската општина Аеродром.
„Економските политики се катастрофални, просечната плата три месеци се намалува, за повеќе од половина се намалени странските инвестиции, паѓа индустриското производство, се намалува бројот на вработени“, рече Филипче.
Тој предупреди дека сериозно е влошена состојбата со ликвидноста на илјадници компании кои се доведени во криза и доцнат со исплата на плати.
„Околу 12.000 фирми доцнат со исплата на платите. Повеќе илјади фирми чекаат поврат на ДДВ, а во наше време тоа се исплаќаше во истиот ден и час кога требаше да се случи. Сериозно е нарушена ликвидноста на компаниите, стопанството, поради тоа што државата и општините не ги вршат навреме исплатите.“
Во обраќањето, Филипче нагласи дека власта ги изневери сите граѓани, вклучително и пензионерите.
„Денеска на виделина излезе уште една лага, а тоа е за пензионерите – само 1.000 денари зголемување. Над 97% од вкупниот број на пензионери кои сега земаат само 1.000 денари, требаше по нашата методологија да земат 2.000 денари“, рече Филипче.
На граѓанската трибина тој порача дека не постои ниту една област во која ВМРО-ДПМНЕ може да се пофали со резултати.
„Ваква ненародна Влада, мислам дека држава, нема една сфера во која што е добро. Нема еден проект, една работа за која може да се пофалат“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Овој хаос, како што кажа Филипче е резултат на нефункционалната и незаинтересирана Влада на ВМРО ДПМНЕ.
„Тоа е само доказ за една незаинтересираност и некапацитетност на оваа Влада која нема намера да направи и да имплементира ниту една политика во интерес на граѓаните и државата.“ рече Претседателот на СДСМ, Венко Филипче