Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција посочи дека во јавноста треба да биде јасно дека европските интеграции на земјата се водат исклучиво со Европската Унија, а не со билатерални држави, нагласувајќи дека обидите за спинување на процесот од страна на ВМРО, служат за само внатрешна политичка манипулација.
„Ние не преговараме со Бугарија. Ние преговараме со Европската Унија.Прашањето за малцинства не е прашање на Бугарија. Тоа е прашање за кое што разговараме со Европската Унија.Она на што игра ВМРО е приказна на предавници и странски платеници. Иста реторика од деведесеттите години во минатиот век, која донесе единствено до конфликт и изолација. Е, тоа е тоа што тие го сакаат“, рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО не сака реформи, затоа што тоа значи одговорност и вистинска европска трансформација.
„Најголемите предавници се Христијан Мицкоски и неговата криминална банда. Реформите се проблем за нив, затоа што реформите значат продолжување на интеграциите во Европската Унија. Реформите значат демократско и праведно општество. Реформите значат независно судство, европско јавно обвинителство и одговорност. Некој мора да одговара за кражбата. А тие тоа не го сакаат“, рече Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче предупреди дека европската перспектива на државата е загрозена од анти-европски кампањи, дезинформации и пропаганда на ВМРО,чија цел е да се одвлече вниманието од реформите и одговорноста на власта.
„Затоа ги држат сите граѓани како заложници со лаги, со предавници, со лажни вести, со лажни афери, Харис Џиновиќ, Дубаи, згради и со цела таа пропаганда, која што секојдневно ја гледаме – орбановата медиумска машинерија, која работи деноноќно и го труе јавниот простор. Европа е нашиот национален интерес. Македонија треба да биде во Европа. Македонија и Европа се нашиот идентитет. Анти-европската кампања, евроскептицизмот, тоа се задачите на овој медиумски октопод од Будимпешта преку Белград до Скопје“, рече Филипче.


