Министерката за образование и наука најави лиценцирање на училишните психолози за да детектираат разни видови проблеми во училиштата и да преземат мерки. Од Комората на психолозите ќе побара да организира додатни обуки за психолозите бидејќи едни учеле по стари, а други по нови програми. 

Во врска со случаите на педофилија кај наставници, Јаневска изјави дека во образованието има многу проблеми, но, рече, овој е еден од најтешките и ние преземаме мерки за справување. По случаите, кои се познати во јавонста, рече, постапил Државниот просветен инспекторат и е пријавено и во полиција и во јавните обвинителства. 

– Се обраќам уште еднаш до наставниците, кои се колеги на оние што го вршат нелегалното дело, но се и наставници на учениците што треба да бидат заштитени од оние што прават недозоволиви дејства. Ќе го зајакнеме приправничкиот испит затоа што таму се неопходни промени и, дополнително, ќе почнеме иницијатива за лиценцирање на психолозите, чија основна улога би била да детектираат каков било проблем во училиштето и да преземат мерки. Лиценцирањето ќе се однесува за целокупната нивна работа. Постојат и други алатки што ние ги применуваме. Сè што е забележано им се пријавува на соодветните институции – изјави Јаневска пред почетокот на националниот натпревар на вештини 2026, во организација на Занаетчиската комора – Скопје. 

По најавата за воведување дежурство на наставници во училишните ходници и во дворовите за обезбедување мирна средина, Јаневска посочи дека тоа не е нов облик и во некои училишта тоа функционирало.

– Но во многу училишта не функционира. Дописот е испратен и ние само ги потсетуваме на добрите практики и во нашата земја, но и во странство. Тие се луѓето одговорни за однесувањето на учениците и за мирната средина во училиштето. Но, сакам да нагласам дека децата не стануваат агресивни во училиштата, тие однадвор доаѓаат полни со агресија во училиштата, па затоа не е одговорноста само на наставниците, на целото општество, и треба да се работи и со родителите и со социјалните служби. Проблемот е комплексен и треба да биде опфатен од сите страни – додаде Јаневска.

Exit mobile version