Со негирање на вината започна судењето за 13-те полициски службеници кои се товарат за пропусти при контролата на кабарето „Пулс“ во Кочани, каде минатата година животот го загубија 63 лица.

Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска побара конструктивност од одбраната и одлучи процесот да продолжи со главна расправа, одбивајќи ги барањата за изземање и за одложување на предметот.

„Очекував ова рочиште да биде поконструктивно. Може да продолжиме со рочиште за главна расправа. Сте ги примиле доказите и сте имале можност да се запознаете со нивната содржина“, порача судијката.

Клучниот аргумент на Обвинителството е дека полицајците кои биле во кабарето не направиле ништо да го спречат активирањето на пиротехниката, ниту пак се погрижиле за безбеден излез на присутните. Обвинителката Спасенка Андонова нагласи дека полицајците „имале можност да го забележат постоењето на ваквата пиротехника на бината“.

Одбраната на полицајците во воведниот збор истакна дека тие постапувале според вообичаен план и дека не е нивна вина што избил пожарот. Според адвокатите, дел од обвинетите воопшто не ни влегле во објектот критичната ноќ.

„Полициските службеници на критичниот ден биле неколку минути присутни во кабарето и почнале да работат по обврските наведени во планот за акциска контрола и не знаеле и не можеле да знаат дека воопшто ќе се користат пиротехнички средства“, наведе одбраната.

Предметот го води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а полицајците се товарат дека на 16 март ниту ја прекинала забавата, ниту спречиле активирање на опасните материи иако биле дежурни и ангажирани во дискотеката.

Exit mobile version