Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Адем Чучуљ денеска го потпишаа новиот Меморандум за соработка меѓу двете институции во следните три години.
Како клучен дел од документот се активностите за развивање, унапредување и имплементација на системот на интегритет во Јавното обвинителство, што се спроведува со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. За таа цел, на потпишувањето на Меморандумот присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Килиан Вал.
Согласно документот Јавното обвинителство и ДКСК ќе формираат работна група која ќе подготви специфично дизајнирана политика за интегритет согласно уставната и законска положба, организациската поставеност и внатрешните акти на обвинителството.
Јавното обвинителство и ДКСК ќе соработуваат и за размена на искуства, консултации и стручна поддршка поврзани со воспоставување и унапредување на интерни механизми за интегритет, превенција на корупција, управување со ризици, судир на интереси и етичко постапување.


