Целосната имплементација на системот за влез и излез (EES) на Европската Унија е официјално одложена од април за септември 2026 година. Европската комисија ја донесе оваа одлука по стравувањата дека воведувањето на новиот систем за време на летната туристичка сезона ќе предизвика сериозен метеж на границите.

Иако овој систем почна постепено да се применува во октомври 2025 година, искуствата од аеродромите и пристаништата веќе покажаа сериозни недостатоци. Патниците се соочуваа со долги редици и пропуштени летови поради обврската за оставање биометриски податоци, што драстично го зголемува времето на чекање.

Според податоците на ACI Europe, времето на обработка на патниците на одредени аеродроми е зголемено и до 70 отсто, а во екстремни случаи се чекало и по три часа. Најкритично беше на аеродромот во Лисабон, каде во декември системот беше привремено суспендиран откако патниците чекаа дури седум часа.

Од Европската комисија соопштија дека ова одложување „ќе им овозможи на земјите-членки поголема флексибилност“, а во меѓувреме патниците и натаму ќе добиваат печати во пасошите како и досега.

Exit mobile version