Вистинска драма се случувала синоќа во италијанскиот град Варезе, откако 18 лица, меѓу кои и едно дете, завршиле со симптоми на труење по вечера во локален ресторан. Како што пренесува „Милано Тудеј“, по враќањето дома гостите почнале да чувствуваат силни главоболки и гадење.
Брзата интервенција на пожарникарите открила присуство на опасниот гас јаглерод моноксид во објектот. Како мерка на претпазливост, веднаш била извршена евакуација и на становите кои се наоѓаат над ресторанот. Истрагата утврдила дека причина за истекувањето на гасот бил неисправен бојлер во кујната на ресторанот.
На терен интервенирале карабинери и медицински екипи, а за среќа, ниту едно од затруените лица не е во животна опасност.

