Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.

Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.

Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмираше ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа.

На средбата, беше поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за сајбер одбрана на НАТО во Талин.

Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјава.

Соговорниците разменија мислења за актуелните глобални предизвици.

Exit mobile version