Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ја замолил Анкара да го искористи своето влијание и да го убеди Хамас да го прифати неговиот мировен план за запирање на конфликтот во Појасот Газа.

„И за време на нашата посета на САД, како и во последниот телефонски разговор, му објаснивме на господинот Трамп како може да се најде решение за Палестина“, рече Ердоган пред новинарите при враќањето од Азербејџан.

„Тој тогаш изречно побара да се сретнеме со Хамас и да се обидеме да ги убедиме“, додаде тој.

Турција повеќепати изразила поддршка за палестинските права, а Ердоган го нарекува Хамас „ослободително движење“, што често предизвикувало тензии со Израел и западните земји. Истовремено, Анкара одржува дипломатски врски и со Израел и со западните сојузници, па може да има улога на посредник во мировните напори.

Мировниот план на Трамп предвидува прекин на огнот, ослободување на заложниците, разоружување на Хамас и постепено повлекување на израелските сили од Газа, а предизвика мешани реакции низ регионот и светот.

Ердоган не откри дали контакт со Хамас веќе е воспоставен, но нагласи дека Турција е подготвена да придонесе за мир во регионот.

Exit mobile version