Соединетите Американски Држави донесоа радикална одлука за привремено стопирање на издавањето имигрантски визи за државјаните на 75 земји, меѓу кои се наоѓа и Македонија. Стејт департментот соопшти дека мерката стапува на сила од 21 јануари и ќе важи на неопределено време.

Како причина за ваквиот чекор се наведува пошироката ревизија на процедурите со кои се проверува дали апликантите за иселенички визи би можеле да станат „јавен товар“, односно да зависат од американскиот систем за социјална помош.

„Издавањето на иселеничките визи за овие држави ќе биде запрено почнувајќи од 21 јануари, како дел од пошироката ревизија на процедурите поврзани со проценката на тоа дали апликантите би можеле да станат товар на американскиот систем на државна помош“, пренесува „Ројтерс“.

Одлуката се однесува исклучиво на имигрантските визи за трајно населување, додека туристичките и бизнис-визите не се засегнати. На списокот покрај Македонија се најдоа и земји како Русија, Иран, Авганистан, Бразил и Нигерија. Засега нема прецизни информации како оваа пауза ќе влијае врз веќе започнатите постапки во американската амбасада во Скопје.

Exit mobile version