Епидемиологот Даниловски: Викенд - карантин ќе го реши проблемот и ќе го намали бројот на заболени
Даниловски вели дека најлесно може да се реши проблемот со три-неделен карантин, но дека тоа може да донесе други последици како раст на сиромаштија, психички заболувања и самоубиства.
Според него, доколку нема нови мерки, со вакво темпо до март ќе стекнеме колективен имунитет
Викенд-карантин е една опција за намалување на бројот на заболени и починати од ковид-19, вели епидемилогот Дрaган Даниловски во гостување на Телевизија 24.
„Начинот за да се намали бројот на позитивни и починати е со спроведување на 24 часовен карантин, полициски час од 24 часа во траење од еден викенд, ако треба и да се повторува, со што ќе се спушти нивото на позитивни, а со тоа и бројот на починати. Дали ќе биде тоа спроведено зависи од проценките на одговорните колеги во Комисијата за заразни болести којашто го советува министерот“, вели Даниловски.
Доколку нема нови мерки, со вакво темпо, според Даниловски до март ќе стекнеме колективен имунитет.
„Со вакво темпо, ако продолжиме и со овие мерки, стагнирана е состојбата на просечен број нови случаи на 1 000. Според една студија реалниот број на позитивни е 10 пати повисок, тоа значи дека се 10 000 дневно. 60 отсто од населението треба да имаат контакт со вирусот за да се обезбеди она што се вика праг на колективниот имунитет за епидемијата да почне да згаснува. Со оваа динамика, милион жители ќе бидат инфицирани отприлика за 90 дена, тоа е месец март. Ако со краткотрајни карантини го смалиме интензитетот за 70 отсто, наместо 1 000 просечно да имаме 300 новозаболени, тогаш пропорционално и периодот за којшто би се постигнал колективниот имунитет се продолжува за два месеци, накај месец јуни. До Комисијата е да одлучи кое сценарио ќе го одбере“, вели Даниловски.
Тој вели дека најлесно може да се реши проблемот со три неделен карантин, но дека тоа може да донесе други последици како раст на сиромаштија, психички заболувања, самоубиства и сл.
„Имаме ситуација во која што некаде околу 60 отсто од вработените во приватниот сектор се во угостителскиот сектор и услужните дејности. Некаде 22 осто од населението живее на граница на сиромаштија. Мерките што се преземаат не би требало да предизвикаат повеќе штета од она што го предизвикува причината заради која што се преземаат мерките. Мерките не се само здравствени, тие се и политички кои ги имаат предвид пошироките околности во смисла на тоа да не се предизвикаат во некое второ време економски, социолошки и психилошки проблеми. Да не се соочиме со немаштија, хронични заболувања, самоубиства, психички заболувања. Затоа мислам дека краткотраен „локдаун“ кој би се спроведувал во викенд не би наштетило премногу на економијата, а сепак би имало влијание врз намалување на бројот на позитивни и бројот на починати“, вели Даниловски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа