Емотивно видео: Преживеа 261 час под урнатини и првпат ја виде ќерката родена ноќта кога се случи земјотресот

 

 

Мустафа Авџи (30), кој дури 261 час по земјотресот беше извлечен од под урнатините во турската провинција Хатај, го посетија во болница сопругата и ќерката, која е родена ноќта кога се случи разорниот земјотрес.

„Среќен сум. Се чувствувам како да сум се преродил”, рекол Авџи во болница, пренесува Си-Ен-Ен Турк.

Авџи кој е сместен во приватна болница во Антакија, на новинарите им рекол дека мислел дека членовите на неговото семејство не го преживеале земјотресот.

Неговата сопруга Билге објаснила дека се породила три часа по земјотресот. Таа истакна дека Мустафа само неколку минути пред земјотресот отишол во мензата на болницата за да купи храна, додека таа во исто време ја напуштила болницата со бебето во раце, со помош на луѓето.

Мустафа денеска, откако беше извлечен од урнатините на болницата, најпрвин сакаше телефонски да разговара со својот брат, за да дознае како се членовите на неговото семејство. Освен тој, од урнатините на истата болница е спасен и 26-годишниот Мехмет Али Шакироглу.

Двајцата спасени мажи ги посети и турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, кој им посака брзо закрепнување.

„Се надевам дека мојот народ повеќе нема да доживее слични катастрофи. Знаеме дека ќе ги надминеме сите тешкотии додека сме заедно. Во тоа нема сомнеж“, рече министерот.

17.02.2023 - 21:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега