Експертите предупредуваат: Да се нормализира увозот на пченица и масло од Србија

Руско-украинскиот конфликт нема да има некоја посериозна улога, но ќе влијание индиректно, врз порастот на цените на земјоделско-прехранбените производи. Во овој момент, нема простор за посериозна интервенција, освен да се нормализира увозот од Србија, како што е најавено, пред се на пченицата и на сончогледовото масло за јадење. За на среден и подолг рок ќе треба да се направат сериозни анализи и стратегија за храна, како и програма за функционирање на целиот систем во услови на криза, велат експертите.

Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, државата ќе треба посериозно да интервенира за да се замени сегашниот увоз кој е сериозен, со домашно производство.

-Руско-украинскиот конфликт нема некоја посериозна улога, зашто главните земјоделско-прехранбени производи што ги увезуваме, доаѓаат најмногу од Србија, Хрватска и Унгарија, а нешто доаѓа и од Бугарија. Конфликтот ќе има само индиректно влијание врз порастот на цените на земјоделско-прехранбените производи зашто ќе има нарушување на глобалниот пазар со прехранбени производи. Целата побарувачка ќе се обиде да најде алтернативни пазари, а тоа ќе доведе поскапување на производите. Во овој момент нема поголем простор за посериозна интервенција, освен да се нормализира увозот од Србија, како што е најавено, пред се на пченицата и сончогледовото масло за јадење, а за среден и подолг рок ќе треба да се направат сериозни анализи и стратегија за храна, како и програма за функционирање на целиот систем во услови на криза, изјави Димитриевски пред почетокот на 10. сесија на Работна Група 1 – Земјоделство и рурален развој.

Неопходни се анализи, дополни професорот, кои ќе покажат кои капацитети ни се на располагање и може да се стават во функција на производство на храна.

-Пред се мислам на земјиштето како основен ресурс – да се направи анализа што е слободно од него и да се понуди на земјоделци кои сакаат да произведуваат. Ние имаме ниска продуктивност и преку апликативни истражувања терба да се обезбеди зголемување на приносот по единица капацитет за да се зголеми и производството на основните производи, укажа Димитриевски.

Според него, земјава порано произведуваше сончоглед и можеби има можност да се подобри домашното производство на маслото за јадење, иако увозот за некој период ќе продолжи.

-Шеќерната репка не верувам дека ќе можеме да ја вратиме, истакна професорот.

Осврнувајќи се на моделите во светските истражувачки центри, Димитриевски посочи дека критична ќе биде 2022 година во однос на порастот на цените, а потоа се очекува да се намали ценовниот удар.

-Тешко дека маслото за јадење ќе се врати на нивото пред кризата. Веројатно ќе биде на половина – меѓу  она што беше претходно и она што е сега, рече Димитриевски.

И препорката на странските експерти – учесници на сесијата, е да се произведува колку што е можно повеќе.

11.04.2022 - 12:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега