Кузеска: Авиокартите за Мицкоски, Мисајловски и Тошковски чинеле помеѓу 4.000 и 4.500 евра секоја

Цените на авионските карти до Вашингтон за владината делегација чинеле 20.000 евра, обвинува опозициската СДСМ.

Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска на прес-конференција во партиското седиште вели дека картите за премиерот Христијан Мицкоски и министрите за одбрана Владо Мисајловски, за внатрешни работи, Панче Тошковски, и за надворешни работи, Тимчо Муцунски чинеле помеѓу 4.000 и 4.500 евра секоја.

-Според нашите информации, За Христијан Мицкоски извршена е нарачка на бизнис карта, цена на повратен билет 237.072 денари или 4000 евра. Да биде скандалот поголем, тоа не е најсакапта карта која е платена за ова патување. Па така, картата на Министерот за одбана Владо Мисајловски е платена дури 280.000 денари, а останатите две карти, на Панче Тошковски и Тимчо Муцунски, се платени околу 4500 евра секоја.  Речиси 20.000 евра ги чини граѓаните само удобното патување на Мицкоски и министрите за Вашингтон! Ова ли е тоа душманско трошење на буџетот за кое секој ден беседи Мицкоски? Има ли образ да излезе и да ги оправда овие суми, додека зборува за домаќинско работење?, вели Кузеска.

Таа бара од Муцунски да одговори колку пари се потрошени и по хотели и колкави биле другите трошоци на државна сметка. 

-ВМРО-ДПМНЕ ги потценува граѓаните. Нема ден а да не се разобличат лагите и лажните ветувања од кампањата. Ветуваа домаќинско работење, се луксузираат во бизнис класи. Ветуваа транспарентност, се кријат од јавноста со денови. Ветуваа борба против криминал и корупција, а генералниот секретар на Владата Јанушев молчи за 325.000 евра поклон кој го добил како градежно земјиште во Центар? СДСМ грешеше кога велеше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде само обична копија на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е далеку полошо, поизмамничко и понечесно, вели Кузеска.

21.07.2024 - 12:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега