Европската комисија испрати смирувачки пораки во врска со потенцијалната мигрантска криза како последица на конфликтот во Иран. Еврокомесарот за миграција, Магнус Брунер, по серијата разговори со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, потврди дека засега нема знаци за масовно движење на луѓе кон европските граници.
Според Брунер, ситуацијата внимателно се следи во координација со партнерите од Блискиот Исток. „Сè уште не се забележани значајни движења на надворешните граници на Иран“, изјави тој, додавајќи дека ЕУ е во постојан контакт со меѓународните организации за да се спречи какво било изненадување. Брисел останува на ставот дека капацитетите за мониторинг се на највисоко ниво.


